Под мотото “Охрид трчаТ за Сара“, денеска, 1 ноември, со почеток од 16 часот, ќе се одржи голем хуманитарен спортско – социјален настан. Охриѓани сплотени во еден единствен Тим билдинг тим ќе трчаат и донираат за 15 годишната Сара Настеска на која итно и е потребна трансплантација на коскена срж во Германија. Операцијата чини 200.000 евра.

Стартот на хуманитарната трка е во 16 часот од „Куба либре“, а целта е кај Центарот за култура. Настанот е во организација на атлетскиот клуб Охрид трчаТ, Сојузот за училишен спорт, основните и средни училишта од Општина Охрид, Црвен крст Охрид и Општина Охрид.

Охрид трчаТ за Сара е симболична трка без натпреварувачки карактер се со цел сите заедно сплотено да истрчаме во насока на подоброто утре за нашата Сара Настеска. Учеството е минимум 100 денари и сите средства ќе бидат донирани на семејството  Настески. Уплатата на котизацијата/донацијата ќе ја спроведат волонтерите на Црвен Крст Охрид и таа ќе се реализира на стартот на самата трка.

Почитувани граѓани, подоброто утре за Сара можеме и мораме да го постигнеме со дополнително собирање на финансиски средства, но и можеме и мораме да го постигнеме и преку моќното градење на еден тим од илјадници охриѓани кои во еден момент и на едно место ќе пратат силна порака до неа и нејзиното семејство дека не се сами и дека сите ние сме Сара и семејството Настески. Изминатите денови на многу хуманитарни настани и на разни начини сигурно сте донирале средства и на таков начин сeкој еден од Вас бил дел од поддршката за Сара. Она што сакаме да го направиме, преку овој настан, е дополнително да Ве мотивираме да донирате минимум 100 денари и на таков начин да бидеме уште поблиску до крајната цел.

Ве повикуваме сите, сопственици, директори, раководители, вработени, сите заедно на едно место, на една трка, да ја направиме најголемата ТИМ БИЛДИНГ ЕКИПА во светот наречена САРА НАСТЕСКА!

Излезете од работа, од дома, од кафетериите, од кладилниците, продавниците… и придружете ни се во оваа заедничка наша мисија.

Ви благодариме на поддршката, СЕ ГЛЕДАМЕ НА СТАРТ!

Тим билдинг екипа Сара Настеска

OhridNews