Излезе од печат втората стихозбирка „Хипербореја“ од Блаже Петревски, во издание на Академска Мисла, Скопје. За стихозбирката „Хипербореја“ 2023, будното око на поетот и декан, Владимир Мартиновски забележува дека митската земја Хипербореја е тесно поврзана со митовите за Аполон, па оттука во материјалната имагинација на стихозбирката Хипербореја, која би можела да се чита и како серија од 50 пеења, но и како еден вид поема од 50 лирски секвенци, неслучајно привилегираното место ја има токму светлината и соларната симболика.

Уште во првата песна, уште во првите стихови нè пречекува токму тематизацијата на светлината: Постојат светлини што рануваат/Но тоа се се само светлини пријателе мој. Имено, светлината во овој поетски свет не е само извор на животот, ами комплексен (и секако антиномичен) симбол. Во овие стихови светлините може да рануваат, да нанесуваат болки, но тие се дестинација на сонот и поетската креација (Во кои ти се враќаш да сонуваш и спиеш). Во античката митологија Аполон е божество кој е покровител на пророчката и поетската вокација, а митовите велат дека и првиот делфишки пророк бил Хипербореец. Таа пророчка, заумна и онострана димензија на поезијата е загатната во стиховите на Петревски, вели Мартиновски.

Во стихозборката „Хипербореја“, додава Мартиновски, е особено впечатлив односот кон просторот. Песните не само што доловуваат, опишуваат или навестуваат безгранични простори кои добиваат митски димензии, ами и обратно, како што се вели во еден стих, се чини дека и просторот се исполнува со стихови: Просторот го исполнив со стихови/Стихoвите ги исполнив со простор/ Секој стих е мисла опиена од себе (песна 12).

Во поезијата на Петревски, неретко се тематизира целата вселена: Ја сечам вселената од думи и мака/Пепел од искри што сами се горат. Во тоа вселенско патешествие, очигледно е и дека во некои стихови и телото на лирскиот субјект ги надминува димензиите на човекот: Облак гром и камен/Носам меѓу заби(…) Тече од облаци лирична лава (песна 16); или, пак: Под мојата нога во длабочината/Трепери срцето на земјата (песна 17). Во една од песните забележуваме и реминисценции од митот за Орфеј: Телово го фрлам/На брливите Менади (песна 28). Не помалку впечатливи се сликите кои упатуваат на метаморфозите и прелевањето меѓу телото и пејзажот: Зелена пареа нагоре се крева/ Ми го обликува телото во зелено билје /Барајте ме в корен јас пеам со кртот/Земјата со волшебни стихови ја плодам (песна 18).

Покрај митемата за преобразбите, низ стиховите на Петревски прострујува и хераклитовската свест за вечните промени и вечноста на промената.

Во еден минлив и менлив свет поезијата не само што е засолниште на хиперборејските визии туку и ни покажува дека тие можат да бидат живи и во XXI век. Или, како што сугерираат токму стиховите од оваа прекрасна стихозбирка: Секој бран е стих што сам се пали/Секој бран е стих што не се гледа.И така, се враќаме на почетокот. Ако за Артур Рембо Вечноста е ширно море/под зраци што се леат, во поетската Хипербореја за Блаже Петровски, поезијата е искушување и доживување на Вечноста: Мојот стих е извор на океаните/Брановите ги пали со подводна песна/Осудена на судир со небеса тесна, вели Мартиновски.

Петревски дебитираше со стихозбирката „Врвот Дно“ 2023, која според деканот на Филолошкиот Факултет во Скопје, Владимир Мартиновски преставува, силен поетски бран во современата македонска поезија.

OhridNews