Во издание на „ Здружението на писателите од Србија“  деновиве од печат излезе книгата Блиска врска (Блиска веза) од Славе Ѓорѓо Димоски, а во препев на Душко Новаковиќ, познат српски поет , кој се вбројува меѓу најдобрите преведувачи  на македонска поезија на српски јазик.

Во ова издание се содржани книгите „Форми на страста“ (1988) и „Темно место“ (1999 г., награда „Браќа Миладиновци“, 2000 г.), две книги кои прават една целина  во која еросот и танатосот доаѓаат до полн израз, односно го проблематизираат принципот на љубовта и смртта во една класична комбинација: ерос – танатос.

Оваа е трета книга од Славе Ѓорѓо Димоски на српски јазик (претходни „Мерач на зборовите“ 2010 и „Поле. Бојно поле?“ 2011), а четиринаесетта на странски јазик. Неговата поезија е преведувана на над триесет јазици, меѓу кои: англиски, руски, азерски, полски, монголски, турски, бугарски и др. Книгата беше промовирана на штотуку завршениот Саем на книгата во Белград.

Радомир Андриќ при промотивната беседа истакна: „Во секој случај, книгата „Блиска врска“ од Славе Ѓорѓо Димоски нам ни нуди докази дека македонската современа поезија е во согласност со сите оние авангардни модалитети во светот денес и дека стои во прв ред на модерното пеење“.

OhridNews