Излезе од печат дваесет и седмата оригинална поетска книга на Ристо Лазаров која носи наслов “Мрак”. Книгата содржи 43 песни распоредени во шест циклуси.

Во поговорот кон книгата насловен “Поетски светлини во сеопштиот мрак”, Владимир Мартиновски, поет и универзитетски професор, напоменува дека најновата книга на Лазаров опева мракови кои не се далеку од нас: во утробата на земјата или, во некое далечно, егзотично минато.

“Ристо Лазаров пее за мраковите сега и тука. За мракобесието кое е наше секојдневие. За мракот денес. Во песните поместени во “Мрак”, нагласува Мартиновски, не се прави обид да се ублажат и замазнат мракот и злото. Неправдите и злоделата не се релативизираат. Тоа се храбри, стамени и хумани песни. Впрочем, целата најнова поетска книга на Ристо Лазаров е смела, храбра, бунтовна. Во ова лицемерно време, на сите ни е потребна една ваква книга-опомена. Затоа, иако е именувана Мрак, пред нас, во суштина, е една светла книга, заклучува Мартиновски.

Издавач на “Мрак” е “Везилка 2011” од Скопје.