Во издание на „Матица македонска“ изезе од печат книгата „За македонските работи“ од академикот Љупчо Коцарев. На страници од ова тестаментално дело, авторот застапува есеи, обраќања, беседи и слова, во кои со критичка опсервација ги анализира македонските состојби.
Книгата е составена од четири дела : „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“ ,„Интервјуа“ и „Македонскиот манифест“.

Во аналитичките и студиозни текстови, Коцарев ги поставува прашањата „Како/Што понатаму?“ и „Кои се нашите предизвици?“, што зборува, од една страна, за неговата загриженост поврзана со повеќедецениската криза во Македонија и, од друга страна, за неговиот обид за изнаоѓање решенија за излез од кризата и за опстојбата на Македонија. Во предговорот кон изданието, како што соопшти издавачот, авторот ја искажува и својата скептичност за нашето битисување.

Академикот Љупчо Коцарев е актуелен претседател на МАНУ, редовен професор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего од 1998 до денес. Бил дел од академскиот тим на Универзитетот Калифорнија (Беркли).
Автор е на над двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и во хуманистичките науки. Изумител е на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка, во Европската Унија, во Германија, како и од индустријата.
Коцарев е добитник на Светиклиментовата награда „Патрон на градот“ која е највисоката општинска награда.  Добитник e и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката.

 

OhridNews