Во издание на „Летра – дизајн“ од Охрид излезе од печат книгата „Велмешка хроника“ од Митре Велјаноски. Во своето прво литературно остварување, Митре Велјаноски, преку документирани историски факти и преку автентични животни приказни на поединци ја предава сликата на животот и премрежијата на Велмеј и велмешани во периодот на бурните историски настани од првата половина на дваесеттиот век, а преку секојдневието и живеачката на земјоделците, печалбарите, учителите, учениците, студентите, играорците, фудбалерите… – сликата на животот во неговото родно Велмеј и, воопшто, сликата на македонското село во текот на дваесеттиот век.

Рецензент на книгата е истакнатиот македонски поет Слава Ѓорѓо Димоски.

-Митре Велјаноски во оваа книга сочувал парчиња жива историја од заборав, фрлил светлина врз природата на она што ни го пренесува, а таа светлина најјарко се одразува во живиот велмешки јазик што го користи. Не интервенирајќи во него, тој ја сугерира автентичноста на кажаното. Во книгата заветил: жива историја (која се случува на еден микро-простор) и жив јазик (на кој е раскажана таа историја во истиот простор). Така, оваа книга истовремено е и историја, и анегдота, и мит, и граматика (народна), и сегашност, но, пред се, уверлива слика и на нашето село и на нашиот (народен) јазик кои со постарите генерации полека исчезнуваат, одат во заборав. Само вакви книги можат нешто да зачуваат, нешто како далечен одблесок на изгубен дијамант. – вели Славе Ѓорго Димоски.

OhridNews