Излезе од печат книгата „Што сторивме со спомениците и историјата?“ од академик д-р Миле Д. Миќуновиќ, а во издание на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид. Во неа се опишани 130 спомен – обележја во Охрид и Охридско.
Од нив 19 повеќе не постојат, 60 се запоставени и искршени, 8 се возобновени, 4 се преместени и 39 се одржуваат. Со уништувањето и запоставувањето на спомен – обележјата исчезнува дел од македонската историја која денеска е актуелна. Зошто и кому му пречи?, вели авторот.
Посочува дека нема поголема темнина од заборавањето, а со тоа и негирањето на постоењето. Затоа, нагласува ни требаат спомениците, како опомена и светилници за сите вградени животи во темелите на ова што сме денес, за да можеме и повеќе и подобро, за да им оставиме аманет на нашите идни поколенија да знаат да чуваат, да почитуваат и да градат за сопствената иднина.
Денешните генерации проникнати и надоени со слободарскиот дух на предците ја имаат неповторливата историска шанса и должност да си ја зачуваат државата, и да го докажат вековното опстојување на македонскиот народ. Затоа тука се спомениците. За почит, за верување, за враќање на сеќавањата на извориштето на нашето вековно опстојување. Со почит и достоинство кон сите градители на сегашноста и на иднината, на сите втемелувачи на вечното име – Македонија, потенцира академик Миќуновиќ.
Инаку, ова е 126-та книга на академик Миќуновиќ.
OhridNews