Деновиве од печат излезе книгата „Избрани песни“ на англиски јазик од Славе Ѓорѓо Димоски во издание на Општина Охрид. Книгата содржи 100 песни објавени паралелно на македонски и на англиски јазик, а изборот и препевот го направи Даниела Спироска.

Славе Ѓорго Димоски е жив класик на современата македонска поезија и е еден од малкуте денешни врвови на македонската поетска картографија, еден вид максимална поетска константа, уште од своето јавување во македонската поезија, во 1979 година, пишува во есејот објавен во книгата Венко Андоновски.

Веќе четири децении е незамисливо да се состави антологија на македонската поезија без неговото име, како што е тоа неможно и без имињата на неговите славни претходници: Анте Поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски или Михаил Ренџов. Тој е своја и сосема јасно светла, топла ѕвезда во соѕвездието на македонската поезија, соѕвездие кое големиот поет Анте Поповски често знаеше да го именува како Менделеев елемент македониум, духовен елемент (производ не неговата поетска фикција) кој според него ја дефинира суштината на македонското битие…, потенцира.

За една поезија обично се вели дека е голема, и со тоа, по творештвото на Блаже Конески се согласни речиси сите, ако е едноставна, посочува Андоновски.

Се чини дека „инфантилизацијата” на јазикот, силно изразена кај Димоски, е едно од можните решенија за едноставна песна. Поетот говори големи нешта со лесни, едноставни зборови. Зборови на примордијалната, првобитна, детска свежина на перципирање на светот, додава Андоновски.

Оваа е четврта книга на Славе Ѓорѓо Димоски на англиски јазик, а уште осумнаесет му се преведени на повеќе јазици (српски, словенечки, полски, азерски, монголски, руски, бугарски и др.)

OhridNews