На редовната 87-ма седница, Владата на Република Македонија ја усвои информацијата за потребата од донесување на закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Кичево – Охрид, заради склучување на Анекс бр. 2 кон договорот за изградба на патна делница Кичево – Охрид , по скратена постапка.

Исто така, Владата го разгледа и го прифати текстот на предлог – законот за дополнување на законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка, како и текстот на Анексот бр. 2 кон договорот за изградба на патна делница Кичево – Охрид помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Sinohydro Corporation Limited.

Владата го овласти Премиерот Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов да го потпишат Анексот бр. 2 кон договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид, помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Sinohydro Corporation Limited, по донесување на законот за дополнување на законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево Охрид и објавување на истиот во Службен весник на Република Македонија.

Тоа значи дека автопатот Кичево – Охрид ќе продолжи да се гради по истата траса а во октомрви ќе се знае колку дополнителни пари ќе бидат потребни за тој да се заврши. Со предлог законот што владата го достави до пратениците, ќе се ослободат 205 милиони евра од кредитот на Ексим банка и кои ќе се користат за изградба и поправка на делови од автопатот, кои или ги немало во проектот или биле погрешно проектирани. Договорено е кинескиот изведувач Синохидро да се откаже од активирање на казнени клаузули поради стопираните работи на автопатот, но да се намали разликата во цените кои се движат и до 56 %.

OhridNews