Фекалиите и отпадните води од бројните септички јами кај струшкото село Радожда директно се влеваат во Охридското езеро. За да се спречи понатамошната еколошка катастрофа неоходна е изградба на колекторски ситем во должина од 4 километри. Надлежните без прецизен одговор кога ќе се гради.

Министерот за животна средина, Неџати Јакупи, вели дека колекторскиот систем кај Радожда е во план да се изгради, но не знае кога и со чии средства.

Јас лично правам притисок врз локалната и централна власт за да се издвои дел од буџетските средства за оваа намена, изјави министерот.

Како што кажа градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, селото Радожда има делумна секундарна канализација, но нема колекторски ситем со кој би се спречило понатамошното излевање на фекалиите во езерото.

Ние како локална самоуправа имaме направено проект и конкурирано за добивање околу 200. 000 евра преку ИПАРД фондовите. Се надеваме дека на почетокот од идната година овие средства ќе ни бидат доделени. За изградба на колекторскиот систем на овој потег од езерото потребни се вкупно 450. 000 евра кои во моментов ги немаме. Наша намера е да ја започнеме изградбата, а потоа кога ќе се обезбедат и останатите средства да се доизгради, вели Мерко.

Според него, за решавање на овој проблем одговорност има и државата. – „Не е наша одговорност изградбата на колекторскиот систем, тој е дел или објект за заштита на Охридското Eзеро, кое е имот на државата, па затоа треба да се вклучи и државата“, вели Мерко.

Т. К.