Изградбата на колекторот на Охридското Езеро, и приклучувањето кон системот на канализациите во крајбрежните населби Пештани, Трпејца, Љубаништа и Свети Наум и натаму се приоритет Владата, истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова при нејзината посета на Охрид.
Таа рече дека е во тек изработка на стратегија за отпад и природа во која Охрид ќе има доминатно место, ќе биде изработена по европски стандарди и со вклучување на граѓаните во нејзина реализација.
Лепиткова најави дека и во Албанија постои сериозна иницијатива за изградба на колекторот и од таа страна и дека ќе продолши интензивната билатерална соработка на полето на заштитата на Охридското Езеро.
Државниот секретар во Министерството за животна средина Дејан Пановски најави дека ќе биде извршена ревалоризација на Охрид и Охридското езеро со цел да се утврдат состојбите и новите вредности настанати со економските и еколошките промени и, како што рече, ќе биде предложен план за препрогласување на Охридското езеро како заштитен споменик на природата.
Целта е поголем развој на туризмот и економските придобивки од него и Охрид во иднина ќе мора да посвети поголемо внимание на еколошиот туризам, рече Пановски.
Во рамките на кампањата “Со Вас“ – поблиску до граѓаните, претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање го посетија Охрид. Тие се сретнаа со градоначалникот Александар Петрески, по што ги посетија крајезерските населби Пештани, Трпејва, Љубаништа и Св. Наум.
Г. Момироски