– Штом земјиштето се префрли во сопственост на Локалната самоуправа ќе распишеме тендер за изградба на катна гаража кај градскиот пазар, која е предвидена со урбанистичкото решение донесено уште пред две години, вели градоначалникот Александар Петрески и додава дека тоа е и првата локација на која ќе се гради катна гаража. Под пазарот е предвидена изградба и на подземна гаража.
Освена на оваа локација, спратни гаражи предвидено е да се градат и кај зградите познати како Охридатите- во близина на Спортскиот центар “ Билјанини извори”, кај Горна Порта, Центарот за култура, и кај хотел Бетон со цел во летниот период да се растерети сообраќајниот хаос на потегот накај плажите.
Предвидена е изградба на уште една подземна гаража кај малиот спортски полигон , каде е предвидена изградба на конгресен центар и подземна гаража на две нивоа.
Со нивната изградба се очекува во голема мера растеретување на сообраќајниот хаос во градот кој од година во година е се поголем.