Жители на улица „Славеј Планина“ се жалат дека при изведба на градежни работи за изградба на објект сериозно е оштетен коловозот од улицата. Тие стравуваат од натамошни оштетувања, кои можат да бидат опасни како за луѓето, така и за околните објекти и бараат да се санира проблемот.

Со случајот е запознаена Општина Охрид. Оттаму велат дека по брза постапка се преземаат сите активности со цел да се утврдат пропустите и да се санираат штетите откако се појави свлечиште на дел од коловозот на ул. „Славеј Планина“ каде приватен инвеститор гради станбен објект.

На самото место е направен инспекциски надзор од градежен инспектор, а градилиштето е веднаш затворено. Во најкраток период ќе следи вештачење од страна на соодветно стручно лице. Согласно закон по скратена постапка, Општина Охрид ќе избере економски оператор за санирање на настанатата штета. – информира локалната самоуправа.

OhridNews