Во рамки на работна средба на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко со министерката за животна средина Каја Шукова беше презентиран проектот за колекторскиот систем од село Радожда до село Калишта (втора категорија), почнувајќи со давањето на дозволата за градење.

Предметниот проект се изготвувал повеќе од две години и ќе се реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, кое истовремено го поддржува со финансиски средства. На овој начин, со отпочнувањето на работите за изградба на ова траса ќе биде комплетиран колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, од загадени води, за струшкиот дел од езерскиот брег, почнувајќи од Радожда до после реката Сатеска, каде завршува територијата на нашата општина, информираат од Општина Струга.

Во рамки на посетата на Општина Струга министерката Шукова со градоначалникот Мерко и претставници од месните заедници на селата кои гравитираат околу Јабланица и еколошки здруженија одржаа средба на која била потенцирана потребата од прогласување на планината Јабланица за национален парк.

Целта на средбата, како што соопшти Општина Струга, е отпочнување постапка за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје, односно за Национален парк.

Планината Јабланица е исклучително важен природен ресурс, кој има потреба од највисоко ниво на заштита и зачувување, но истовремено нагласувајќи дека во овој процес мора да се земат предвид сите начела на одржливиот развој, како од еколошки, така и од социо-економски аспект, стои во информацијата.

На средбата, како што е наведено, биле посочени процедурите што треба да ги реализираат Локалната самоуправа и ресорното Министерство со поддршка на еколошките здруженија вклучени во процесот.

OhridNews