Општина Охрид интензивно се подготвува за аплицирање на вториот Јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти од Владата. Тимовите во локалната самоуправа деновиве посветено работат на подготовка на комплетната документација, а целта е повторно да се аплицира со максимален број проекти, информираат од Општината.
И овој пат ќе се работи на инвестиции кои ќе придонесат за подобарување на квалитетот на живеење во целата општина. Тоа значи осовременување на сообраќајната и комуналната инфраструктура во приоритетните зони на урбаните и руралните населби. Посебен фокус е ставен на решавање на проблемот со паркирање во градот и проектот за изградба на катна гаража, потенцираат.
Меѓу проектите кои изминатиов период беа споменувани дека општината ќе аплицира за добивање финасиски средства на вториот јавен повик беа и проектот за плоштадот „Крушевска Република“, како и проектот за Свињишки извори.
Од Општината посочуваат дека процесот на реализација на инфраструктурните проекти за кои беше добиена поддршка на првиот јавен повик тече согласно предвидените рокови.
Завршени се градежните активности за проектите за реконструкција на улици во село Пештани, реконструкција на улица во село Подмоље, како и реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан“. Во завршна фаза се градежните активности за реконструкција на локален пат од крстосницата за село Рамне до црква „Свети Атанасиј“. Во текот на наредниот период ќе бидат реализирани и останатите проекти кои се во интерес на граѓаните и ќе придонесат за подобри инфраструктурни и комунални услови, потенцираат од Општина Охрид.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес одговарајќи на новинарско прашање како тече вториот јавен повик од проектот за капитални инвестиции од 250 милиони евра за општините, изјави дека засега состојбата е одлична, пристигнати се 340 проекти од 51 општина.
Повеќе од 338, 340 проекти веќе се пристигнати од 51 општина. Очекуваме таа бројка да натфрли и 400, зошто не и 450. Во првиот повик имавме проекти во вкупна вредност од 72 милиони евра, без оние средства коишто отидоа преку Министерството за транспорт. Сега имаме 15 милијарди денари, 250 милиони евра, истакна премиерот.
Целата на Владата, напомена Мицкоски е да се инвестира на цела територија на државата.
Инаку, крајниот рок за поднесување на апликации од страна на општините е 30 април.
Н.С.Ј.