Неофицијално пожарот започнал во спалната соба, каде што во тој момент спиеле деветмина монаси и благодарение на нивната брза интервенција, спасен е вредниот иконостас и галеријата со икони. Како најверојатна причина за пожарот се наведуваат проблеми во инсталацијата на електричните и плинските уреди во кујната. Пламенот прво ги зафатил кујнскиот дел, по што се проширил во трпезаријата, конаците и библиотеката, кои се целосно изгорени, но нема повредени лица. Во гаснењето на пожарот што избувнал околу 4.30 часот биле вклучени пет противпожарни бригади од Гостивар, Кичево и Дебар.
Штетата од пожарот во манастирот Св. Јован Бигорски, според првичните проценки на надлежните институции, изнесува над 5,5 милиони евра, но со ништо не може да се надомести уништувањето на вредните историски објекти кои се од непроценливо значење.
Во манастирот пристигна претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Таму е висока црковна делегација предводена од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и директорот на Управа за заштита на културното наследство Паско Кузман.
Државата најави дека брзо ќе биде формирано работно тело кое ќе ги координира активностите околу возобновувањето на манастирот. Исто така најавено е дека со помош на АРМ ќе бидат обезбедени монтажни објекти за привремено сместување на монасите. Владата на Република Македонија денеска ќе одржи вонредна седница запожарот во манастирот Св. Јован Бигорски.
Манастирот Св. Јован Бигорски посветен на Св. Јован Крстител, го основал монахот Јован во 1020 година. Во XVI век манастирот бил разурнат од Турците, и останала само една мала црква, а обновен е во 1743 година. Надалеку е познат по својот иконостас од ореово дрво кој го изработила тајфата на Петре Филипов – Гарката од селото Гари, неговиот брат Марко, Макариј Фрчковски од Галичник и Аврам Дичов со синовите Васил и Филип од Осој, во периодот од 1829 до 1835 година. Во манастирската црква за која нема информации дека е опожарена се наоѓа и чудотворната икона на Св. Јован и многу вредни реликвии меѓу кои и парче од крстот на кој бил распнат Исус.