Советниците на денешната седница ги изгласаа одлуките за утврдување вредност на бодот за пресметка на бруто плата на вработените во ЈП „Водовод“ – Охрид и ЈП „Нискоградба Охрид“ – Охрид со статус на административни службеници за 2024 година.
Советничката од СДСМ Живка Ангелоска упати низа прашања до раководните лица на јавното претпријатие, бидејќи, како што рече, се носат одлуки за кои потребно е објаснување.
Имаме две јавни претпријатија кај кои е различна вредноста на бодот. 55,83 е вредноста на бодот на ЈП „Водовод“ и 59,73 на ЈП „Нискоградба“. Би сакала од страна на директорите едно појаснување како се утврдува вредноста на бодот, врз основа на кои параметри кај вработените, дали постои можност за унифицирана вредност на бодот кај сите јавни претпријатија, објаснување кај „Водовод“ зошто мислам дека во еден од членовите во самата одлука беше дека иста таа е вредноста на бодот и за давателите на услуги, значи не само на административните службеници. Зошто се разликува со ЈП „Нискоградба“ каде е само за административните службеници и мислам дека треба со оглед дека носиме одлуки да имаме и појаснување од оваа област. Сакам да ми кажат и двајцата директори, бидејќи оваа одлука стапува на сила со денот на донесувањето, претходно која била вредноста на бодот по која се исплаќале платите?, праша Ангелоска.
Директорот на ЈП Водовод Охрид, Марјан Ристески истакна дека согласно законските прописи односно Законот за административни службеници, обврска е на ЈП-ја на секој почеток на годината да утврдуваат вредност на бод.
Оваа Одлука која сега е предмет на разгледување Советот ја има донесено во месец септември кога имаше покачување од 10% согласно општиот колективен договор за јавниот сектор и вредоста на бодот е истата таа којашто во септември беше усвоена. ЈП-ја имаат орган на управување и склучуваат колективен договор со претставникот на синдикатот. Во тој колективен договор се утврдени бодовите кои треба да ги има секое работно место и врз основа на тие бодови и колективниот договор се утврдува вредноста на бодот при тоа да се обезбеди и задржувањето на минималната плата. По колективниот договор и давателите и административните службеници во нашето јавно претпријатие имаат иста вредност на бодот бидејќи во колективниот договор се по исти терк правени. Мораше да се зголеми вредноста на бодот заради порастот на 10% согласно општиот колективен договор кој стапи во сила од септември, додаде тој.
Претставник од ЈП „Нискоградба“ истакна дека вредноста на бодот претходно била за 10% помала од сегашната, а согласно одлуката на Владата зголемена е само за 10% . Во март месец кога ќе се зголеми минималната плата ќе има повторно зголемување.
На седницата беше изгласана и одлуката за дополнување и изменување на ценовникот на услуги на ЈП „Нискоградба“ Охрид.
Н.С.Ј.