Либерално-демократската партија (ЛДП), на денешната расправа, не го поддржува изборниот законик.
Од ЛДП сметаат дека суштинските измени на законикот треба да бидат насочени кон намалување на бројот на пратеници во Собранието, да има отворени листи и една изборна единица за да можат помалите политички партии да ги соберат гласовите кои ќе бидат наменети за нив.
Според Роза Топузовска Каревска од ЛДП, најдобро е гласањето на дијаспората да се врши по електронски пат, со што ќе нема потреба Министерството за надворешни работи да се мобилизира и да оди да го организира гласањето на дијаспората, што претставува трошок за државата.
Таа побара и намалување на бројот на пратениците во Собранието, од сегашните 123 на 90.
„За првпат дијаспората добива право на глас, оние кои можат да гласаат се лицата кои се на привремена работа или престој во странство“, вели Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Лилјана Поповска од Демократската обнова на Македонија (ДОМ) смета дека зголемувањето на бројот за три нови пратеници изгласани со гласовите на дијаспората целосно ќе биде исплатливо за државата и додаде дека ги поддржува измените во изборниот законик.
„Ние од ДПА нема да го поддржиме овие измени на Изборниот законик и нема да гласаме и затоа одговорноста е ваша за спроведување на фер и демократски избори“, рече Имер Алиу од ДПА.
„Не значи дека граѓаните ќе немаат фер и демократски избори и може да се каже дека овој законик е многу подобар од претходните години во кој се вклучени и препораките на ОБСЕ, забелешките кои беа наметнати од други политички партии“, рече Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека партиите ќе можат во секој момент да го контролираат избирачкиот список и да доставуваат забелешки доколку имаат во врска со неправилностите во овој список.
До Собранието доставен е нов предлог на изборниот законик кој ќе се најде на дневен ред на седницата закажана за 6 април, а се однесува на изборната единица шест, односно Центар Жупа да се префрли од шестата во петтата изборна единица со што би се намалил бројот на гласачите во шестката и вредноста на нивниот глас би се изедначила со оние во другите изборни единици.
Пратениците на оваа седница ќе гласаат за Изборниот законик, кој се смета за главен услов за одржување на фер и демократски избори.