Во текот на дискусијата која му претходеше на гласањето, од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ се изјаснија дека ќе гласаат против предложените имиња затоа што сметаат дека поголемиот број од нив се со несоодветно образование, односно средна стручна спрема која не соодетствува со важноста на одлуките кои ќе треба управните и надзорните одбори да ги носат. Од ВМРО- ДПМНЕ сметаат и дека поголемиот број од именуваните членови се во одредени блиски врски со раководните структури на овие три јавни претпријатија, па според тоа не ќе можат да ја вршат својата функција достоинствено и независно.
На ова реагираше градоначалникот Александар Петрески кој истакна дека се уште не се избрани раководни структури на трите јавни претпријатија, па според тоа не може и да стане збор за некакви врски помеѓу членовите на управните и надзорни одбори и директорите.
Од Комисијата за верификација и избор беше дадено објсанување дека при изготвувањето на предлог- одлуките за членови, Законот за јавни претпријатија бил во целост почитуван. Како што беше потенцирано, во надзорните одбори може да членуваат лица само со високо образование, додека пак во управните одбори важно е лицата да имаат познавање од областа која ја работат, при што е дозволено да се со средна стручна спрема.
Денес , советниците расправаа и по предлог- одлуките за утврдување на потребата од изработка и донесување на локална планска документација.