Собранието изгласа нов Закон за урбанистичко планирање. Како што рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес конференција, со новиот закон се овозможува полесна изработка на урбанистички планови и надминување на коруптивните влијанија, што ги имаше претходно во оваа дејност.
Според основните решенија на Законот за урбанистичко планирање, се поедноставуваат постапките на општините за донесување на плановите, особено за урбанистичките планови за селата. Постапките се потранспарентни за граѓаните, со тоа што уште во стартот на секоја постапка за донесување план, надлежниот орган треба јавно да ја истакне планската програма (на веб страницата на општината). Ќе се спроведува јавна анкета што ќе трае од 30 до 90 дена, а органот што го носи планот, задолжително ќе мора да формира тело во кое ќе се вклучат сите заинтересирани стани и интересни групи од локалната заедница. Телото може да влијае на планските решенија и на политиките за просторен развој на општината, објасни министерот Сугарески.
Со новиот закон, се кратат постапките за донесување планови. Најмногу 18 месеци за изработка и донесување на ДУП и урбанистички план за надвор од населено место, 36 месеци за донесување ГУП, за урбанистички план за село и за градби и подрачја од државно значење и 48 месеци за изработка и донесување на ГУП за град Скопје. При непочитување на роковите од неоправдани причини, предвидени се прекршочни одредби.
Со новиот Закон за урбанистичко планирање, за прв пат е предвидена постапка за ГУП за град со плански опфат од 400 хектари. Тој може да се разработи и како ДУП, како составен дел на ГУП-от. Тоа значи дека малите градови ќе добијат и ГУП и ДУП. Предвидена е синхронизирана постапка за донесување план, кога измените и дополнувањата на ДУП-от се условени од измени и дополнувања на ГУП-от и др.
Законот предвидува обединета постапка, со која во исто време се изработува ГУП-от и најмалку еден ДУП, во границите на планскиот опфат на ГУП-от. Предвидено е и суспендирање на план, во рок , не подолг од 1 година. Во тој рок, додека планот е суспендиран, органот е обврзан да донесе нов. Се зајакнува и инспекцискиот надзор и надлежностите, со воведување регионални урбанистички инспектори. Според тоа, надзор на плановите ќе може да има Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Новиот Закон за урбанистичко планирање ќе стапи на сила од јуни 2020, а до тогаш ќе се усогласува со правилници и со други подзаконски акти.
OhridNews