По долга расправа, која траеше до доцна попладнево Советот на Општина Охрид, го изгласа Буџетот за 2014 година. Општинската каса догодина ќе има на располагање вкупно 960.300.000 денари или околу 15,6 милиони евра.

Според советниците на СДСМ, овој буџет во основа не е ништо ново, во однос на досегашните буџети.

-Сега се работи за 960 милиони денари, а ако ја видите завршната сметка во 2012 година, таа е 840 милиони денари. Значи има зголемување од 120 милиони денари, а според ставките на новиот буџет ова зголемување се должи на кредитни задолжувања. Но тоа не е комерцијален кредит кој го бараше минатото советничко мнозинство, туку наменски кредит од Светска Банка за одредени проекти. Од ова може да се заклучи дека буџетот е идентичен со претходниот во однос на сумата, но полош е затоа што се предвидува зголемување на приходната ставка за уредување на градежно земјиште, за Советот на Општина Охрид и уште неколку нејасни зголемувања на некои расходни ставки кои немаат капитално значење, реагираше Томислав Тунтев, координатор на советничката група на СДСМ.

И советникот Јоне Станкоски од ВМРО Народна Партија реагираше на одредени ставки во Буџетот за 2014 година.

-Имаме драстично зголемување во расходниот дел на градоначалникот односно за 636.000 денари, градоначалникот ќе троши повеќе оваа година отколку минатиот градоначалник.  Значи и покрај тоа што се зборува дека Општината е во долгови, градоначалникот си зема за право да троши многу повеќе од неговиот претходник. Нешто што е многу симтоматично, за прв пат во ставката за Советот имаме толку големи средства за расход односно зголемување од вкупно 8 милиони денари во расходниот дел. Овие средства најмногу се распределени во делот на други и оперативни раходи, објасни Станкоски.

Тој потенцираше дека во Буџетот за 2014 година, предвидени се и повеќе средства за плати, односно вкупно 10 милиони денари.

Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, вели дека оваа година при конципирање  на буџетот се воделе пред се од реални основи и критериуми.

-Оваа година се трудевме буџетот да го конципираме од реалните приливи кои Општина Охрид ги остварува, значи оваа година буџетот не е буџет на желби и замислувања туку е буџет на напорна и посветена работа. Она што сакам да го истакнам и тоа што овој буџет ќе биде првиот буџет на Општина Охрид кој ќе се однесува на реални средства со исплата  исклучиво во пари. Овој буџет не предвидува никави цесии и компензации кои во минатото служеле како средства за полнење и празнење на буџетот, потенцираше Спасески.

Тој појасни  дека програмите кои оваа локална самоуправа ги предвидува за 2014 година носат комплетен развој на Охрид и инвестиции во однос на инфраструктурата и другите сфери на целокупното живеење.

OhridNews