Последните несреќи на Охридското Езеро, кога под слични околности две момчиња се удавија забавувајќи се на педалинка, уште еднаш го отворија прашањето за безбедноста на овие реквизити за забава на вода.  Завчера надвор од обезбеденото капалиште на Машка плажа во Струга се удави шеснаесет годишниот Ријат Сулејмани од велешкото село Бузалково. Тој се возел на педалинка заедно со неговиот татко. Двајцата биле непливачи и немале елеци за спасување. Во записникот од несреќата стои дека и не им биле понудени елеци за спасување. Исто така надвор од обезбеденото капалиште на плажата Славија во Охрид, минатиот викенд се удави 21-годишно момче од Прилеп. И тоа било непливач и немало елек за спасување, кој согласно измените во законот, задолжително треба да го има на секоја педалинка.


Издавачите на педалинки на охридското крајбрежје велат дека во целост ги почитуваат безбедносните мерки и им нудат  појаси на лицата кои сакаат да изнајмат реквизити.

-Пред секоја педалинка да влезе во вода ги прашуваме туристите дали знаат да пливаат, ако не се доволно искусни им нудиме појаси за спасување, вели  Силвана Филева-издавач на педалинки.

Филева објаснува дека повеќето лица кои сакаат да се возат со педалинки  земаат и ги користат елеците за спасување, но и дека има такви кои се срамат да признаат дека не знаат да пливаат и не земаат појаси.

Има и такви кои не сакаат да признаат дека не знаат да пливат и не земаат појаси. Уште потсмевливо прашуваат: „Што ме мислиш мене толкав не знам да пливам?“, или се навредуваат, но јас не можам да проверувам кој колку знае да плива и со сила да им ставам појас за спасување на глава, тоа е одговорност на тој што изнајмува педалинка, додава Филева.


Појаси има…


…дали ќе ги користат одлучуваат изнајмувачите

На плажата „Орце Николов“ каде има и најголем број педалинки, издавачите имаат обезбедено елеци за спасување, за разлика од Струга каде тоа во најголем дел не е случај. Поради тоа дел од концесионерите на плажите во струшко бараат да се забрани користење на педалинки на Охридското Езеро, со што не се согласуваат упатените во оваа проблематика Тие сметаат дека дека треба да се зголеми контролата на капалиштата и на реквизитите за забава на плажа, односно да се зголемат мерките на безбедност при издавање и користење педалинки.

OhridNews