Вкупно избројани околу 20.500 птици на Охридското Езеро, околу 8.000 птици на Преспанското Езеро и околу 7.000 птици на Дојранското Езеро од страна на вработени, членови и соработници на Македонското еколошко друштво кои успешно го спроведоа зимскиот цензус на водни птици во Македонија.
На трите езера и на другите водни тела забележаните единки припаѓаат на околу 30 различни видови птици, од кои поголем дел се чести видови птици кои презимуваат на овие водни тела. Најчест вид на птица е лиската која брои некаде половина од вкупниот број на птици во сите три езера, додека цуцлестиот нуркач е втор по ред, велат од МЕД.
Најголемо изненадување велат од МЕД била малата бројка на избројани птици на Преспанско Езеро, која сметаат дека е резултат на неколку фактори – релативно високите температури за овој период од годината и промените во крајбрежниот појас на езерото предизвикани од флуктуациите на водната маса на езерото во последните неколку години.
Зимскиот цензус на водни птици е најмасовното и најдолготрајно волонтерско пребројување птици во светот, со традиција уште од 1967 година. Предводен од Меѓународната организација за водни станишта (Wetlands International) и во соработка со бројни локални организации, овој настан стана во клучен извор на информации што се од суштинско значење за креирањето политики поврзани со управувањето и заштитата на водни станишта.
Броењето на птици на трите природни езера во Македонија, вклучувајќи ги околните акумулации и водните станишта, беше спроведено во текот на месец јануари.
OhridNews