Општина Охрид го избра идејното решение за лого по повод 80 годишнината од ослободувањето на Охрид, врз основа на објавениот јавен конкурс и наведените критериуми.

По прегледот на пристигнатите предлози Комисијата со гласање го избра идејното решение под шифра „415141“ од авторката Христина Лазеска за најдобро лого. Идејното решение под шифра „КЛ-420“ од авторот Мартин Бибовски ја добива втората награда додека идејно решение под шифра „Феникс“, од авторката Марија Михајлоска третата награда.Целта на логото е да се користи во кампањата „80 години Слободен Охрид“ во чии рамки ќе бидат одржани сите настани организирани или поддржани од Општината во периодот до 7-ми Ноември 2024 година, велат од Општина Охрид.

Комисијата за спроведување избор на идејното решение, формирана од градоначалникот на Општина Охрид, бр.09-5735/3 од 16.05.2024 година, во состав : Александра Настоска, претседател, Билјана Аврамоска – член, Митко Трпкоски – член, Петар Боев – член и Наташа Стојкоска – член, од Одделението за култура од општина Охрид прими вкупно 5 плика кои беа пристигнати по Конкурсот.

Комисијата констатира дека сите апликанти ги испочитувале условите за учество на Конкурсот за идејно решение за изработка на заштитен знак лого, за потребите на кампањата на Општина Охрид за одбележување на Јубилејот 80 години слободен Охрид, велат од Општина Охрид.

По повод големиот јубилеј Општина Охрид ќе организира повеќе активности со сите охридски репрезенти (културни, образовни, спортски, научни и сл), а главната свеченост ќе биде на самиот роденден на Охрид.

Општина Охрид упатува покана до сите јавни институции, здруженија на граѓани и медиуми да се вклучат во кампањата по повод јубилејот и да го користат избраното лого.

OhridNews