Ефтим Попески, Богоја Стрезоски, Блашка Радиноска и Милчо Клишески се четворицата нови судии во Основниот суд во Охрид, дознава ohridnews, од извори од Републичкиот судски совет кој на седницата што ја одржа денеска изврши избор на нови судии во основните и апелациските судови во земјава.
Адвокатот Ефтим Попески е поранешен директор на затворот во Охрид. Адвокатот Богоја Стрезоски е поранешен колега на актуелната пратеничка од ВМРО ДПМНЕ од Охрид, Анита Кипаризова-Крстеска. Блашка Радиноска и Милчо Клишески се промовирани во судии од позицијата стручни соработници во Основниот суд во Охрид.
На конкурсот за пополнување на испразнетите места за судии во судот во Охрид конкурирале 48 кандидати. За судска плата од 38.000 денари беа заинтересирани повеќе познати адвокати од Охрид, како и поранешниот директор на Заводот и Музеј, правникот Јордан Трца кој конкурирал по петти пат. Но, интерес да бидат судии во Охрид изразиле и повеќе стручни соработници од основните судови во Струга, Скопје, Дебар и Прилеп.
Основниот суд во Охрид веќе две години работи со 5 судии помалку, а годишно решава 40.000 предмети.
Росица Голабоска