Денеска треба да продолжи конститутивната седница на Собранието и да се избере Талат Џафери за негов претседател, но неочекувано нејзиното одржување влезе во неизвесност наводно поради внатрешните расправии – во ДУИ, пишува “Независен”.

Како што наведуваат повеќе медиуми на албански јазик, главната причина за ова е изборот на министрите во новата влада. Наводно, избувнал голем гнев во ограноците на ДУИ во Чаир и Сарај поради предлозите Артан Груби, Бујар Османи и Фатмир Бесими да бидат на чело на клучните ресори што треба да им припаднат на интегративците, пренесува весникот.

Според тие информации, Груби и Османи не биле поддржани од овие два главни ограноци во Скопје, а пратениците Изет Меџити и Арбен Зибери вчера не дошле на седницата на Централниот совет на партијата кога се одлучуваше за номинацијата на новите министри. Нивната главна забелешка е дека сѐ едни те исти луѓе ги добиваат главните функции во државата од страна на раководството на ДУИ. На Бујар Османи ова треба да му биде трет министерски ресор по здравство и вицепремиер за европски прашања, а на Фатмир Бесими дури четврти – претходно беше министер за економија, за одбрана, вицепремиер, а сега треба да биде и министер за финансии, објави “Независен”.

OhridNews

Извор: “Независен”