На денешната 20-та седница на УО на ФФМ, што се одржа во х. „Инекс Горица“ во Охрид, не беше избран нов генерален секретар на ФФМ.
УО го прифати барањето на г-динот Драгољуб Матовски за изземање од Кадровската комисија при ФФМ и на негово место го назначи Јовков Илија заедно со Мирче Павловски како претседател на комисијата и Шеат Реџепи како член. Со цел Кадровската комисија во новиот состав да има доволно време да ги разгледа пристигнатите кандидатури за нов генерален секретар , изборот на првиот оперативец е одложен за наредната седница на УО. УО го продолжи мандатот на Илија Атанасовски на функцијата В.Д генерален секретар на ФФМ, се вели во официјалното соопштение на фудбалската федерација
На седницата во Охрид донесени се следните одлуки:
– УО го разгледа дописот од ФИФА и УЕФА по повод последните настани во и околу ФФМ и донесе одлука децидно да ги почитува насоките на европската и светската фудбалска асоцијација со цел за целосно санирање на состојбите во мак-фудбалот и пред се избегнување на несакани и далекусежни последици.
– Разгледани се предлог листите на Судискиот одбор и од страна на УО едногласно се прифатени главната и помошната листа на судии како и листата на контролори.
– УО ги разгледа барањата на ФК Локомотива(Скопје) и ФК Кораби (Дебар) за директен пласман во Втората МФЛ како 18. член и донесе одлука Втората МФЛ да се прошири од 17 на 18 екипи со тоа што 18. член ќе биде одлучен со одигрување на бараж натпревар помеѓу ФК Локомотива и ФК Кораби. Бараж натпреварот ќе се одигра в среда на 1.Август на стадионот „Младост„ во Струмица со почеток во 17ч.
– УО го прифати предлогот екипите од Женската МФЛ и Футсал-лигата за меѓународни натпревари да регистрираат неограничен број отстапени фудбалери од другите клубови во Македонија од истиот ранг. Пререгистрацијата на фудбалери за лигата во Футсал ќе трае од 15-30. Август 2007г.
– УО ги потврди сите одлуки за Комитетот за итност донесени помеѓу две седници на одборот меѓу другото и одлуката за склучување договори помеѓу клубовите и ангажирани тренери согласно правилникот на Одборот на фудбалските тренери на ФФМ.
– УО го одби барањето на ФК Шкендија и ФК Тетекс за продолжување на летниот преоден рок бидејќи се коси со правилниците на ФФМ и утврдените термини за стартот на новата фудбалска сезона.
ohridnews