Изборот на новите судии што деновиве го врши Републичкиот судски совет – РСС е скандалозен обвинуваат кандидатите што конкурираа за испразнетите места во основните и апелациските судови. Незадоволство од изборот има и во самиот РСС. Речиси сите национални медиуми синоќа пренесоа реакции на неименувани членови на РСС кои обвинуваат дека изборот на новите судии бил тенденциозен и под силно политичко влијание. За изборот според истите извори пресудни биле роднинските врски и партиската припадност, а не стручноста и компетентноста на  кандидатите, поради што голем број  квалитетни кадри кои со години се на листа на чекање и овој пат извисиле.

Во реакциите се оспорува и изборот на судиите во Основниот суд во Охрид, кој според кандидатите кои учествуваа на конкурсот е скандалозен. Според нив некој треба да објасни по кои критериуми бил извршен изборот на 4-цата нови судии во Охрид  и дали нивната  партиска припадност одлучила да се елиминираат голем број високо квалитетни кадри? Тие сметаат дека со ваквиот избор сериозно ќе се разниша дигнитетот на Охридскиот суд и дека во прашање е доведена независноста на судството.

Како што е познато за нови судии во охридскиот Основен суд се избрани:  Ефтим Попески, Богоја Стрезоски, Блашка Радиноска и Милчо Клишески.

Адвокатот Ефтим Попески е поранешен директор на затворот во Охрид. Адвокатот Богоја Стрезоски е поранешен  колега на  актуелната пратеничка од ВМРО ДПМНЕ од Охрид, Анита Кипаризова-Крстеска. Блашка Радиноска и Милчо Клишески се промовирани во судии од позицијата стручни соработници во Основниот суд во Охрид.

На конкурсот за пополнување на испразнетите места за судии во судот во Охрид конкурирале 48 кандидати. Дел од нив сметаат дека со чесни исклучоци, изборот на судии во Охрид што го изврши  РСС е скандалозен бидејќи дел од новоизбраните судии по квалитет далеку заостануваат зад другите пријавени кандидати.

ohridnews