Судиите на Уставниот суд, денес, ја отфрлија иницијативата на уставниот судија Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.
По дискусијата од страна на сите судии, судиите едногласно зазедоа став дека не постојат услови за прифаќање на иницијативата. Ова е од причина што во случајот станува збор за пресудена работа што значи дека Судот веќе се изјасни за уставноста и законитоста на оваа одлука на Собранието на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, кога со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост. Притоа тогаш во расправата беа земени предвид и околностите на кои се укажува со иницијативата. – соопшти Уставниот суд.
Оваа одлука на Уставниот суд и дефинитивно значи одмрзнување на изборниот процес кој беше замрзнат на 22 март со уредба на Владата, по завршување на вонредната состојба прогласена заради пандемијата од коронавирусот Ковид 19.
Владејачката СДСМ се залага за брзи избори во средината на јуни, додека опозициската ВМРО ДПМНЕ бара тие да се одржат во јули или септември. Датумот на предвремените парламентарни избори веројатно ќе биде појасен по одржувањето на лидерската средба кај претседателот Пендаровски, што ќе се одржи следната недела.
Кога и да бидат закажани изборите, се очекува тие да се одржат под посебен здравствен протокол.
Г.М.