Иако сме далеку пред почетокот на изборната кампања од предвремените парламентарни избори кои официјално не се ни закажани, кампањата на политичките партии е во полн ек.

Министри, заменици, пратеници и од едната и од другата страна секојдневно ја „бомбардираат“ јавноста со пофалби за себе и критики за останатите. Едните ги полнат насловите во медиумите со тоа што го сработиле, предвиделе да го сработаат или претходните не го исполнале, но тие успеале. Другите со критики дека власта ја довела земјата во пропаст, тие подобро би работеле доколку биле на власт и така во недоглед.

Денес, во Охрид во делови од градот беа расфрлани летоци во кои се критикува партија. Содржината почнува со: „Ветија, не остварија, остварија не ветија“.

Од општинската ВМРО ДПМНЕ се оградуваат од било каква поврзаност со поделените летоци.

  • Како партија ВМРО-ДПМНЕ нема никаква поврзаност. Ние како конструктивна партија секогаш сме го почитувале и ќе го почитуваме законскиот рок за изборна кампања. Очигледно сѐ повеќе граѓаните го искажуваат своето незадоволство од власта на различни начини. Сите забелешки и критики кон власта ги изнесуваме јавно и транспарентно, па така и ќе продолжиме во иднина, вели портпаролот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.

Од ОО на СДСМ велат нивниот став ќе биде објавен од страна на централата на партијата во Скопје.

Во СВР Охрид нема доставено пријава во врска со разнесените летоци со политичка содржина.

Инаку, според Изборниот законик, кампањата почнува 20 дена пред првиот круг на гласањето.  Изборна кампања е јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми во предизборниот период за одреден вид на избори“, стои во изборниот законик.

Според најавите предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април, согласно на тоа парламентот треба да се распушти на 12 февруари и тогаш да се закажи одржувањето на изборите. Тоа значи дека изборната кампања треба да стартува кон крајот на март. Но, датумите очигледно немаат големо влијание врз активностите на политичките партии. Кампањата, според многумина, во текот на изминатите години, воопшто и не завршила.

Т.К.