Вечерва на полноќ истекува рокот за поднесување на  независни кандидатури за градоначалници и советници за претстојните локални избори. Според податоците кои ги објави Државната изборна комисија неколку часа пред истекот на рокот, во текот на вчерашниот ден 21 независен кандидат ги собрале потребните потписи и 42 групи избирачи за советнички листи.

Во Охрид, потребните потписи за кандидат за градоначалник ги собра Сенат Усеиновски, како и четири непартиски советнички листи.

Заклучно со 29 август 2021 година, до  21:00 часот, во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК  потребните потписите за листи на кандидати за членови на совет на општинa Охрид ги собрале Група избирачи Арбен Демироски, Група избирачи Антонио Наумовски, група избирачи  Димитар Вељановски и Група избирачи предводена од Стевче Стевоски, стои во соопштението од ДИК.

Предизборниот процес денеска го коментираше градоначалник Константин Георгиески. Според него изборот на кандидатите да се појават како независни на претстојните избори е одраз на демократија.

Тоа е одраз на демократијата, слободата и проценката на сите тие луѓе коишто се одлучиле да се кандидираат на независни листи е таква дека своите политички и општествени ставови,  ќе ги артикулираат преку тој начин на политичко изразување. Тоа е легитимен избор и е една нормална појава во секоја демократска држава. – рече Георгиески.

Дека претстои интересен изборен процес, покрај зголемениот интерес за независни кандидатури, најавуваат и партиските препукувања, иако официјално не е започната кампањата. Кандидатот за градоначалник и актуелен пратеник, Кирил Пецаков пред неколку дена на прес- конференција обвини дека  Охрид четири години бил заборавен, не се случувале нови проекти, и не била остварена ниту една капитална инвестиција. Георгиески вели дека до стартот на кампањата тој останува посветен на граѓаните како градоначалник на Охрид, алудирајќи на предвремена кампања.

Официјално кампањата не е започната и јас сум човек кој ги почитува законите, јас сум легалист и до стартот на официјалната кампања јас сум градоначалник и работам во интерес на граѓаните на Охрид. Имав само две и пол години и секој ден ми е важен да испорачаме што повеќе резултати за граѓаните на Охрид. Сите заинтересирани страни од опозицијата своите прашања можат да ги достават до Општината, а што се однесува до сите неосновани обвинувања ќе ги спротивставиме фактите во кампања, а до тогаш јас сум посветен на граѓаните на Општина Охрид.

Собирањето на потписи трае уште денеска, а подрачните одделенија и канцеларии на ДИК ќе работат до 24 часот. Кандидатските листи за локалните избори треба да бидат поднесени до Општинските изборни комисии најдоцна до 11 септември на полноќ, а треба да бидат потврдени најдоцна до 18 септември од ОИК.

Иборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.

OhridNews