Очекуван вокабулар, препознатлив стил, зајадливи меѓусебни обвинувања и многу ветувања. Политичките партии и коалиции вчера ја започнаа изборната трка која ќе финишира на 15 јули со избори на идните пратеници во Собранието. Но, овие избори не се обични. Напротив. Тие се одржуваат во време на голема здравствена криза предизвикана од пандемијата од вирусот Ковид 19, од кој до сега во земјата се заболени над 5400 луѓе, а 259 ги загубија животите. Затоа изборите ќе се одржат под посебен здравствен протокол за заштита од ширење на коронавирусот, а мерки на предострожност се предвидени и за време на изборната кампања и однесувањето на политичките субјекти.

Најголемите политички партии и коалиции предводени од владејачката СДСМ и опозициската ВМРО ДПМНЕ тргнаа од Струмица, односно Охрид. Партиските лидери и кандидатите за пратеници со маски на лицата се сретнаа со нивните поддржувачи. Имаа блиски средби, разговараа, дебатираа, митингуваа.

Изборните активности во Охрид, ВМРО ДПМНЕ ги заокружи со мини митинг на плоштадот „Св. Климент Охридски“, на кој, се обрати лидерот Мицкоски. Тој им порача на охриѓани да не веруваат на транзициони политичари како Шекеринска и Заев кои носат лажни подароци, туку да поддржат обнова, вистината, честа и честитост кои ги носи ВМРО ДПМНЕ.

Изборот е помеѓу ова раководство на СДСМ и Зоран Заев и против една нова енергија која што ја носи ВМРО-ДПМНЕ со победничката коалиција „За обнова на Македонија“. Јас сум убеден во мудроста и поддршка на народот. Стојам нескромен и реален и ќе кажам дека 60 пратеници на победничката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ се реалност на 15 јули. Мора да си ја исправиме Македонија и затоа да одбереме обнова. – истакна Мицкоски

Во Струмица, пак, се одржа првиот собир со граѓани на СДСМ и коалицијата „Можеме“. И таму политичарите и нивните симпатизери, како и граѓаните со кои се сретнаа беа со маски на лицата.

Претседателот Заев пред струмичани зборуваше за успесите кои, као што рече, биле постигнати во изминатите неполни 3 години. Како историски најголем успех го истакна зачленувањето на нашата земја во НАТО, постигнувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Преспанскиот договор кои, според него, донесоа многу меѓународни награди и признанија на државата.

Носевме храбри одлуки кои ја изведоа државата на прав пат и граѓаните тоа го препознаваат. Политичарите кои носат храбри одлуки се свртени патриотски кон својата земја. Од другата страна немаа став за државничките одлуки, а немаа став и за време на кризата со корона вирусот. Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е сменето, тие се управувани од Будимпешта и од белиот дворец. – рече Заев.

Изборниот караван на СДСМ денеска доаѓа во Охрид и Бутел, а ВМРО ДПМНЕ предизборни активности ќе има во струшкиот крај, како и во Куманово и Скопје. Алијансата на Албанците, пак, ќе одржи конвенција за млади во Тетово.

Г.М.