Еден Англичанец и еден Американец се примени во болница поради убоди од нож, а осум лица се уапсени од полицијата пред вечерашното финале на фудбалската Лига на шампиони во Рим, јави новинската агенција Макфакс.

Англискиот навивач Грег Вејден (34) денеска бил нападнат и избоден со нож во левата рака пред хотелот во кој престојувал.

Во друг инцидент што се случил во вторникот вечер, четворица италијанци нападнале 23-годишен Американец, мислејќи дека е Англичанец, откако го слушнале како зборува на англиски јазик.

„Тој лежеше на земјата, целиот облеан во крв. Четворица хулигани го нападнале и го избоделе со ножеви“, соопшти италијанската полиција. Четворицата италијанци се уапсени.

На дрги место во Рим, британски навивач (19) и неговиот татко се уапсени, откако нападнале двајца полицајци, кои се обидувале да спречат пресметка меѓу навивачи.

Други двајца навивачи на Манчестер јунајтед се уапсени откако платиле вечера од 300 евра во елитен ресторан со фалсификувана кредитна картичка.

Илјадници навивачи на Манчестер јунајтед и Барселона пристигнаа во Рим за финалето на Лигата на шампиони, а се очекува до почетокот на дуелот да има уште инциденти.

ohridnews