-Постапката за прогласување на Студенчишко блато за споменик на природата е во тек и службите работат на тоа.- изјави на прашање на OhridNews министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири. Тој во Охрид присисуствуваше на меѓународната конференција за управување со отпад, што започна вчера.

Студенчишко блато е предмет на дебата во јавноста месеци наназад, откако беа соопштени намерите на властите на овој простор да се гради туристичка развојна зона со марина и пропратни содржини, со можност еден мал дел од блатото да се ревитализира и заштити.

Експертите предупредија дека евентуалната урбанизација на Студенчишкото блато негативно ќе се одрази врз живиот свет, но и врз севкупниот еко систем на Охридското Езеро. Ова меѓу другото е наведено и во стратегиската оцена за влијание на животната средина на измените на Генералниот урбанистички план на Охрид 2014 – 2024, а која ја изготви Градежниот институт „Македонија“ од Скопје.

-Генерално ќе постојат големи влијанија врз Студенчишкото блато. Меѓутоа Студенчишкото блато и Охридското Езеро не смееме да ги гледаме засебно, тоа е голем еко систем којшто треба да се гледа заеднички. Самото Студенчишко блато, односно Урбана заедница 17.1 изобилува со огромен биодиверзитет, односно со видови кои се реликтни, кои останале непроменети од моментот на нивното создавање пред 2-3 милиони години, исто така голем број на видови коишто се ендемични и кои се среќаваат само тука и на никое друго место во светот. Токму затоа велиме дека вредноста на Студенчишко блато е во неговата природна состојба. Таа треба да се заштити и да остане како што е, односно да не се извршат измени во намената на ова земјиште и да остане строго заштитена зона.-беше истакнато во оцената за влијанието врз животната средина што ја презентираше Генералниот урбанистички план на Охрид 2014 – 2024 во кој е опфатено и Студенчишко блато, на јавната расправа што се одржа во февруари годинава. 

По низа прозивки, но и различни ставови изнесени во јавноста, но и во советот на општината од страна на вработени во институцијата, Хидробиолошкиот завод Охрид, минатиот месец излезе со соопштение во кое се посочува дека установата има јасно изграден став во врска со блатото, донесен на седница на советот на установата, како и дека истиот е проследен до надлежните институции и изготвувачот на ГУП за град Охрид. 

-Во даденото стручно мислење од страна на Советот на ЈНУ Хидробиолошки завод (кој е составен од 6 доктори на науки) беше истакнато дека треба да се обрне внимание на строга заштита на Студенчишкото Блато кое е природен резерват на ендемични растителни и животински видови и плодишта за многу видови ципринидни риби. На крај беше напоменато дека на овој локалитет треба да се избегнуваат секаков вид на градежни активности. Хидробиолошки завод секогаш стои во заштита на животната средина и во заштита на Охридското Езеро како непроценливо богатство. – соопшти Советот на ЈНУ Хидробиолошки завод.

Во заштита на блатото застанаа граѓански здруженија и екологисти, а формирана е и онлајн група која ја поддржаа голем број јавни личности, интелектуалци и граѓани.

OhridNews