Одредени настани загрижуваат затоа што создаваат голема несигурност кај луѓето, а нашиот регион сè уште има потреба од поголема доверба, комуникација и позитивни примери, изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, коментирајќи го настанот во Белград што се случи за време на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија, како и за последиците што произлегоа од него.
Пораката на Иванов дојде по средбата со неговиот црногорски колега Филип Вујановиќ, на маргините на Форумот Кран Монтана во Женева, пренесува „Макфакс“.
Настаните кои што се во прилог на регионот, подвлече македонскиот претседател, е потребно да се користат за ширење на довербата и поголема соработка меѓу народите што живеат на Балканот, затоа што сите ги очекува заедничка иднина.
„Сите очекуваме еден ден да бидеме во Европската унија и во НАТО, почитувајќи ги сите стандарди кои што важат таму. Тоа нè обединува бидејќи со почитувањето на тие принципи и вредности, во нашиот регион ќе владеат мирот и соработката, и пред сè посветеноста на економијата, со цел отворање нови работни места и овозможувајќи им на младите луѓе поизвесна иднина“, изјави Иванов.
На средбата со претседателот Вујановиќ биле разменети мислења околу севкупните односи меѓу Македонија и Црна Гора.
OhridNews
извор:„Макфакс“