Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од 31 октомври до 02 ноември 2012 година, ќе учествува на шестиот Меѓународен форум “Мир и спорт”, кој се одржува во Сочи, Русија.

 Претседателот Иванов, ќе биде еден од главните говорници на свечената церемонија на отворањето на шестиот Меѓународен форум “Мир и спорт”, кој и годинава се одржува под покровителство на Н.Е. Принцот Алберт Втори од Монако. На Форумот е најавено учество на повеќе од седумстотини делегати од стотина земји, меѓу кои политички лидери, претставници од бизнис елитата, од меѓународните организации и граѓанското општество, претставници од Меѓународниот олимписки комитет, како и спортисти.

 Меѓународниот форум “Мир и спорт“ е инициран во 2007 година со цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот. По минатогодишното учество на меѓународниот форум “Мир и спорт“, што се одржа во Монако, во шест општини во Република Македонија се спроведе проектот “Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, чиј покровител беше претседателот Иванов.

OhridNews