Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов телефонски разговарал со командата на македонската воена мисија во Авганистан, соопшти Кабинетот на претседателот.

Претседателот Иванов на овој начин директно се информираше за состојбата со македонските војници во Авганистан, по сериозниот вооружен напад во околината на командата на меѓународната мисија ИСАФ и амбасадата на Соединетите Американски Држави во главниот град Кабул.

Командата на македонската воена мисија во Авганистан го информираше Претседателот Иванов дека македонските војници редовно и нормално ги извршуваат своите задачи во Кабул и во другите области на Авганистан каде што дејствуваат. Претседателот Иванов беше дополнително информиран за општата безбедносна состојба во Кабул и во Авганистан. Претседателот Иванов им честиташе на македонските војници за покажаната храброст и подготвеност во справувањето со вооружениот напад.

Македонските војници остануваат вклучени во активностите за стабилизирање на Авганистан и развој на мирот и демократијата во таа земја, како дел од меѓународната мировна мисија ИСАФ, предводена од НАТО, се вели во соопштението на Кабионетот на претседателот.

OhridNews