Тие имаа билатерална средба во вилата „Билјана“ во Охрид, по што присуствуваа на врачувањето на наградата „Златен венец” на Струшките вечери на поезијата на бугарскиот поет Љубомир Левчев.
Средбата на претседателите на Република Македонија и на Република Бугарија е продолжение на активниот политички дијалог на највисоко ниво и потврдување на добрите односи меѓу двете земји, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.
„Двајцата претседатели констатираа дека Македонија и Бугарија споделуваат заедничка визија за иднината, во која сите земји од регионот ќе бидат интегрирани во европските и евроатлантските структури, како најважен предуслов за трајна стабилност, демократски и економски просперитет за целиот регион.
На средбата, беше подвлечена важноста на меѓусебната соработка и поддршката на Република Бугарија за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО, врз основа на целосното исполнување на неопходните критериуми и услови за тоа.
Одбележана беше неопходноста од активирање на заедничка работа за усогласување на општо прифатлив текст на двостраниот договор, кој што дополнително ќе ги развие и збогати принципите и насоките на односите меѓу двете земји врз основа на европските вредности.
Претседателите на Република Македонија и на Република Бугарија се согласија дека двете земји треба да ги искористат реалните потенцијали за јакнење на економските односи и дека ќе ги интензивираат заедничките настапи и соработка во проекти од взаемен интерес за градење и подобрување на патната, железничката, енергетската инфраструктура. Овие проекти двајцата Претседатели ги оценуваат и како проекти од регионален и европски интерес.
На средбата беше истакната заедничката визија дека продлабочувањето на соработката во областа на културата, науката и образованието претставува дополнителен поттик за подобрување на билатералните односи.
Двајцата Претседатели разменија мислења и ставови и за други актуелни регионални и меѓународни прашања“, се вели во соопштението што Кабинетот на претседателот Иванов го лиферуваше во медиумите.