– Веќе четири, пет дена во монтиран медиумски „процес“, во простачки манири и со нагласени негативни конотации, со многу инсинуации, конструкции и надвор од сите контексти, а во врска со организацијата на досега најзначајниот и според учесниците најуспешниот меѓународен политички настан кога и да е одржан во Македонија – го талкате моето и името и угледот на членот на моето најблиско семејство. – се вели во обраќањето на новинарот Иванов.
Тој потсетува дека на претседателскиот Самит во Охрид во 2008 година учествувале околу 1.200 луѓе од 18 држави и според него истиот бил успешно организиран.
– За нивото, за успешноста, за цената на чинењето, ако веќе не ги слушате домашните аргументи, прашајте во странските агенции кои за своите држави ги организирале нивните претходни претседателски самити. Прашајте, проверете, споредете, објавете-им се обраќа на колегите Иванов.
Тој ги обвинува главните уредници кои пишуваа за аферата „Надеж 2“ за наклонетост кон политичките партии, непочитување на новинарската етика и манипулација со јавноста.
– Ова реа што сега ја емитувате во етерот, кај и да е, ќе ја развеат некои нови поморални ветришта. Вашите ментори нема да Ве поведат со себе. Целиот свој живот ќе си останете со срамот што сега си го товарите и со јадот на сопствената совест. стои во реакцијата на новинарот Зоран Иванов.
Неколку национални медиуми и агенции деновиве објавија детали од аферата „Надеж2“, посочувајќи дека поранешниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, потрошил повеќе од половина милион евра за организација на Претседателскиот Самит во Охрид во 2008 година, за што ангажирал маркетинг агенција, која се поврзува со семејството на новинарот Зоран Иванов.