Решение на спорот за името може да се постигне со надминување на недовербата помеѓу македонските и грчките политичари, што е последица на недостаток на меѓусебни контакти, оценува претседателот Ѓорѓе Иванов. На средбата со новинарите од Охрид, претседателот истакна дека довербата меѓу обичните граѓани бележи напредок, што не е случај и со политичарите. Шефот на македонската држава потсети  дека од стапувањето на функцијата постојано јавно го повикува неговиот грчки колега на разговори, со цел надминување на несогласувањата и подобрување на севкупните односи.

За Иванов прашањето околу уставното име на Република Македонија е исклучително сложено, а неговото решавање бара трпеливост и голема внимателност. Тој укажа дека Македонија е под постoјан  и силен меѓународен притисок за исчекор во насока на решавање на билатералниот спор, а истовремено јужниот сосед е поштеден.  Решението на прашањето на Македонија, според него,  неправедно и правно неиздржано и се наметнува како предуслов за евроатлантските интеграции, што воопшто не е предвидено со привремената спогодба со соседна Грција од 1995 година.


Претседателот на брифинг со охридските новинари

Иванов се осврна и на некои пропусти на македонската политика кон ова прашање, при што ги посочи информациите добиени од  европратеничката Дорис Пак, според која Македонија  во 1995 година ја отфрлила понудата на меѓународната заедница да отпочне преговори за членство во НАТО и ЕУ под привремената референца.

Иванов изрази сомневање во искреноста на другата страна, посочувајќи дека Грција ги крши одредбите од привремената  спогодба дека нема да ги попречува евроатлантските интеграции на Македонија. Во тој контекст тој запраша кои би биле гаранциите од грчка страна дека ќе го почитува договорот што би произлегол од сегашните преговори кога досегашните искуства го покажуваат спротивното.

Претседателот Иванов потенцираше дека Македонија се залага за решение, но оти притоа државата мора да води сметка за своето достоинство, бидеји не е во прашање само името на државата, туку и идентитетот. Според него евентуалната промена на името на државата би бил меѓународен преседан, оттаму што такво сценарио отвара можности за силните држави преку принуда и притисоци да го менуваат идентитетот на послабите.

Секои отстапки направени надвор од постојните одредби зацртани во Повелбата на ОН за прием на нови членки, за Иванов претставуваат сериозна опасност истите да бидат злоупотребени во иднина, како средство за притисок или наметнување нови услови од другите соседни  држави за исполнување на најразлични интереси.

Престедателот Иванов смета дека прашањето околу името, не ја загрозува безбедноста на државата и меѓуетничките односи, бидејќи како што рече,  државата функционира во сите свои сегменти и граѓаните треба да имаат доверба во институциите на системот.

Г. Момироски
фото: Александар Ковачески – Фото „Зум“