Претседателот Ѓорге Иванов на вчерашната тет-а-тет средба со српскиот претседател Борис Тадиќ, го отвори прашањето за  досиејата  во белградските архиви, кои и се потребни на Македонија за спроведување на процесот на лустрација и побара од него македонските институции да можат да ги користат овие документи, пренесува „Макфакс“.
           
„Го отворивме прашањето кое во Македонија е многу актуелно, особено вклучено во делот од сукцесијата која се однесува на заедничките архиви да можат нашите надлежни институции да се обратат согласно принципите од сукцесијата до институциите во Србија каде се архивите од заедничката држава за да ги користат како документи кои се неопходни во одредени актуелни процеси во нашата држава“, изјави претседателот Иванов, по средбата со Тадиќ.
          
 На средбата било разговарано и за евроинтеграциите на двете земји, за кое прашање и двајцата претседатели се согласиле дека тие се предуслов за мир и стабилност во регионот.
           
Претседателот Тадиќ рече дека меѓусебно двете земји ќе си помагаат во процесот на евроинтегрирање, оти Србија ќе и помогне на Македонија да се реши што поскоро спорот со името и да добие датум за преговори, а Македонија да и помогне во делот на одблокирање на кандидатскиот статус.
           
Двајцата претседатели се заложија дека во времето кое што доаѓа ќе ја доградуваат соработката.
           
На средбата било разговарано и за економската соработка, како и за завршувањето на Коридорот 10, за кој, како што двајцата посочија, е важен и од економски и од политички аспект.
           
Околу спорот меѓу СПЦ и МПЦ, Иванов и Тадиќ се договориле дека нема да се мешаат дека ќе оставаат самите цркви да го решат, а тие ќе апелираат до надлежните институции за  негово што поскоро решавање.
           
Српскиот претседател Тадиќ рече дека треба да им се овозможи и на македонските претставници да можат да го чествуваат 2-ри август во манастирскиот комплекс Прохор Пчински.

OhridNews
извор: „Макфакс“