– Во текот на 2009 година Македонија забележа извонреден успех на планот на евроинтеграциите. Успеа за првпат да добие целосно позитивен извештај на Европската Комисија и препорака за почнување на преговорите. Покрај сето ова недобивањето датум за отпочнување на преговорите за членство успеа да го сведе проблемот на тоа што вистина и е. На ирационалното противење на политичката елита на нашиот јужен сосед на влезот на Македонија во Европската унија и НАТО, истакна претседателот Иванов.
Иванов посочи дека Македонија и натаму ќе продолжи да бара решение за проблемот кон кој другата страна настапува од позиција на сила. Во тој контекст претседателот подвлече кои се црвените линии на Македонија во решавањето на спорот.
– Има ли некој во оваа држава кој не ги знае сопствените црвени линии во однос на прашањата за идентитетот, јазикот, културата, традицијата. Тие индивидуални црвени линии се и нашите државни црвени линии, рече Иванов, додавајќи дека местото на Република Македонија е во НАТО и ЕУ, и дека е потребен заеднички придонес на сите за остварување на стратешката цел.
Претседателот внатрешната состојба во земјата ја оцени како стабилна. Земјата, рече Иванов со успешно спроведениот изборен процес, преку конструктивната дебата за повеќе прашања, до стабилната меѓуетничка коалиција, покажа функционална демократија.
Обраќањето на претседателот Иванов во Собранието, го проследија премиерот и министрите во владата, како и претставници на дипломатскиот кор.