Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Њујорк каде што присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации се сретна со Генералниот секретар на светската организација Бан Ки-Мун, при што двете страни во првичните информации по средбата го акцентираат заживувањето и придвижувањето нанапред на преговорите за името меѓу Македонија и Грција.

Според информациите од кабинетот на Иванов, шефот на македонската држава побарал реактуелизирање и заживување на процесот на преговорите, за што поскоро решавање на дведеценискиот спор и деблокирање на евроатлантската иднина на Македонија, пренесува Гласот на Америка на македонски.

Според кусото соопштение на канцеларијата на портпаролот на Генералниот секретар на ОН, пак, Бан и Иванов разговарале за редица прашања, а меѓу нив и за состојбата во која се наоѓаат преговорите за спорот околу името меѓу Македонија и Грција,

„Генералниот секретар ја повторил важноста од придвижување кон одлуки што ќе го разрешат прашањето експедитивно и на обострано прифатлив начин“, стои во соопштението.

Од кабинетот на Иванов пренесуваат и дека тој на домаќинот на 67-то Генерално собрание на ОН во Њујорк му рекол дека Македонија очекува разговорите да се водат во рамката на резолуциите на ОН, без навлегување во идентитетските одредници. Според истиот извор, македонскиот претседател побарал од генералниот секретар да се заложи за почитување на меѓународно преземените обврски и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Иванов денеска ќе присуствува на отворањето на новите простории на Европската унија во ОН, церемонија со која ќе раководат претседателот на Советот на ЕУ, Херман Ван Ромпуј и високиот европски претставник за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон.

Утре, во првиот дел од сесијата, Иванов ќе се обрати пред Генералното собрание, а планирана е и средба со специјалниот посредник на ОН во преговорите за името Метју Нимиц.

OhridNews
извор:„Макфакс“