Не е прифатливо да се разговара за решение што задира во македонскиот идентитет, во македонскиот јазик и во Уставот како чувар на нашата државна сувереност и нашето национално достоинство. Додека сум претседател на Република Македонија тоа нема да го дозволам.

Ова  вчера го истакна  претседателот Ѓорге Иванов, во редовното обраќање пред пратениците во Собранието, јавува „Макфакс“.

Македонија е подготвена на европски начин, како што рече Иванов, да ги премости разликите, но тоа, според него, подразбира и фокусирање на темелното право на државата.

„Ние сме граѓани на европска земја и бараме од Грција како членка на Европската унија со нас да се однесува европски“, подвлече Иванов.

Тој истакна дека македонскиот државен врв како никогаш досега има јасен став, а тоа е интензивирање на македонско-грчкиот дијалог и трагање по взаемно прифатливо компромисно решение.

„Но решението мора да биде во рамките на Резолуцијата 817 на Обединетите нации од 1993. година. Ние сакаме решение, но само во рамките на грчко-македонската Времена спогодба од септември 1995. година. И на крај, конечната одлука ќе ја имаат граѓаните“, истакна претседателот Иванов.
Тој посочи дека дневната политика во однос на македонско-грчкиот спор внатре во земјата причинува извесна штета, но нагласи дека главната причина поради која сè уште нема решение, се некои грчки политичари, а не политичарите во Македонија.

„Време е да се напуштат стереотипите и предрасудите од минатото во полза на заедничката иднина. За да бидеме доследни во остварувањето на нашата стратешка определба, за евроатланска Македонија, ние треба да сме сплотени, да сме обединети, да сме единствени со заеднички напор да истраеме на патот кој е пред нас“, рече Иванов.

Говорејќи за годината која доаѓа, претседателот посочи дека тоа ќе биде година на сериозни одлуки.

„Мислам дека формулата за успех веќе ја знаеме – повеќе сплотеност, а помалку поделби. Слогата како благословена состојба, на меѓусебно разбирање и почитување, е тајната на заедничкиот успех. Доволно е да се навратиме на историските одлуки, чии јубилеји ќе ги чествуваме идната година. На тоа нè обврзуваат нашите предци, сегашните и идните генерации“, истакна Иванов.

Во својот говор тој се наврати на македонското претседавање со Советот на Европа, на регионалните соработки и напредок во добрососедските односи, на спроведените реформи во АРМ и на укинувањето на визниот режим.

OhridNews