Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов  во Брисел на Лидерскиот состанок посветен на приливот на бегалци, според најавите, ќе ги запознае соговорниците со актуелната состојба за бројот на бегалци и мигранти расте, дека на јужната граница Македонија се соочува со рекордни бројки, дека уделот на бегалците од Сирија и од Ирак опаѓа, а расте уделот на мигранти од Азија и од Африка, пренесува „Макфакс“.

Во тој контекст, Иванов ќе пренесе дека Македонија бара итна, дневна и непречена соработка со Грција на сите нивоа, пред се на полициските служби и разузнавањето, а со цел и двете земји полесно да се справуваат со ситуацијата. Тој ќе побара и пристап за Македонија и на земјите од регионот до дата базите на Европската унија, до Шенген-зоната и на Фронтекс, наведено е на брифингот пред почетокот на самитот, што го свика претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

На лидерскиот состанок се поканети шефовите на држави или влади на Србија, Бугарија, Грција, Хрватска, Словенија, Унгарија, Романија, Австрија и Германија. Најавено е учество и на претседателот на Европскиот совет, актуелниот претседавач со Советот на ЕУ – Луксембург, како и високиот комесар за бегалци на ООН, соопшти кабинетот на македонскиот претседател.

Целта на состанокот е усвојување на заеднички оперативни заклучоци поврзани со приливот на бегалци.

Претседателот Иванов ќе се заблагодари на понудената помош, но ќе истакне дека досега Македонија целосно сама се соочува со кризата и користи сопствени средства (буџетски, човечки, технички итн), а дека ветената помош од Брисел, се уште не стигнува за Македонија, односно дека помошта која е ветена се уште патува и најверојатно е загубена на некоја точка долж мигрантскиот коридор.

Се очекува Иванов да пренесе дека сите мерки за затворање на коридорот, границите или повторна изградба на физички бариери би било срам за европската идеја и целосен пораз на европските вредности. Сепак, имајќи ги предвид сите најави, како и се почудните ад-хоц иницијативи, мерки и сојузи, Иванов ќе пренесе дека Македонија е подготвена и има разработени сценарија за сите можни ситуации, но дека се надева дека до такво нешто нема да дојде и оти разумот ќе победи во Европа.

Иванов ќе се заблагодари и на германската канцеларка Ангела Меркел за тоа што го држи отворен коридорот, бидејќи неговото затварање може да доведе до сериозни последници во регионот, вклучително и во Македонија.

Како што е познато, македонскиот претседател ја покрена иницијативата за прогласување на кризна состојба, тој го потпиша и актот за ангажирање на војската од 19 август, со цел да и се олесни задачата на полицијата во справувањето со кризата и хуманитарната состојба. Исто така, Иванов бараше дефинирање на европски одговор кон кризата и бараше Македонија и земјите од т.н. балканска рута да бидат на масата кога ќе се усвојува европскиот план. Денеска можеби нема да се дојде до конечното решение, но Македонија е на масата, како рамноправен учесник заедно со земјите-членки на ЕУ и останатите земји од регионот.

Она што е најважно е дека Република Македонија првпат е на иста рамноправна маса со другите држави од Европа и од Европската унија кои се соочени со заканата и ризиците кои произлегуваат од неа. Сепак, она на што се очекува да се констатира е дека европскиот одбранбен ѕид не е повеќен чуван и дека е потребен навремен и единствен одговор на Европа.

OhridNews
извор:„Макфакс“