Претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на централното чествување на „Денот на Републиката – 2 Август“ на Мечкин Камен во Крушево истакна дека Македонија денес одново се наоѓа пред нова пресвртница. Иванов порача дека нишката што ги врзува сите наши манифести и сите наши Илиндени, е повикот за единство за остварување повисока цел.

Потенцирајќи дека денес Македонија одново се наоѓа пред голема пресвртница Иванов истакна дека иако слободна, Македонија како сè уште да им робува на поделбите, иако независна и суверена, решенијата за внатрешните прашања сè уште ги бара надвор од неа и иако е обединета во етничката и во верската различност, сè уште е политички длабоко поделена.

Разединетоста е последица и на блокираните европски и евроатлантски интеграции. Долгогодишната блокада доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната. И со секоја криза, сè повеќе се доведуваше во прашање остварувањето на повисоките цели, оцени Иванов.

„Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската унија. Над 80 проценти од граѓаните недвосмислено го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и во Европската унија. Ниту една политичка партија во Република Македонија не може да добие онолку гласови колку што во моментов НАТО и ЕУ имаат свои поддржувачи. Бидејќи, за граѓаните, НАТО значи безбедност, а Европската унија значи просперитет. Заедно тие значат мир, рече Иванов.

Тој укажа дека македонските граѓани од своите избрани претставници, и од власта и од опозицијата, очекуваат да им овозможат подобар живот во европска Македонија и потенцираше дека поради предолгото отсуство на политички дијалог постоеше сериозна опасност да ја испуштиме од рака европската перспектива.

„Благодарни сме на ангажманот на нашите пријатели од Европската унија и САД. Нивните препораки мора да се сфатат сериозно“, рече Иванов.

Претседателот повика да се испочитува постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии, констатирајќи дека е тажно, „што се доведовме во ситуација некој друг се грижи за нас повеќе од самите нас“.

„Како да не научивме дека најдобри се оние решенија кои сами ќе ги постигнеме, преку дијалог во институциите кои сами сме ги создале, и чии претставници демократски сме ги избрале. Тоа е и смислата на сувереноста. Политичката криза нè потсети на нашите стратегиски цели. Но, не потсети и дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. А се однесувавме мошне неодговорно“, рече Иванов.

OhridNews
извор: „Макфакс“