– Сакам да верувам дека во наредниот период ќе можеме да ги започнеме преговорите за членство во Европската унија. Во овој процес, ние не сакаме привилегии, туку истите критериуми кои се применуваа за другите земји-членки на Унијата. Од ова секако бенефит ќе имаат не само мојата земја, туку и регионот и Европа, истакна Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во своето обраќ ање на оМеѓународната конференција насловена „Напуштајќи ја чекалната на Европа – надминување на кризата на проширување на ЕУ со Западен Балкан“ која вчера се одржа во организација на Центарот за студии на Југоисточна Европа при Универзитетот Карл-Франценс во Грац, Австрија.
Претседателот Иванов во своето обраќање истакна дека желбата на балканските народи за европска иднина придонесе за смирување на Балканот во изминатата деценија. Потсетувајќи ги учесниците на конференцијата дека Република Македонија неодамна го доби извештајот на Европската комисија за напредокот на полето на европските интеграции, со кој по четврти пат се препорачува да се одреди датум за почнување на преговорите, претседателот Иванов рече дека Република Македонија сега е во исчекување дали конечно ќе и биде овозможено да ја напушти чекалната на Европа. Претседателот Иванов посочи дека Европската комисија покажа иновативност за тоа како да се продолжи натаму, иновативност која треба да се почитува на претстојниот Европски совет во декември.
Македонскиот претседател подвлече дека Република Македонија ги исполнува политичките критериуми за членство, и дека еден од нив е и почитувањето на човековите права, меѓу кои е и правото на идентитет на секој поединец, на секоја група и заедница, правото на самоидентификација и на човеково достоинство. За Република Македонија да стане членка на Европската унија таа мора да го почитува и гарантира идентитетот и достоинството на сопствените граѓани.
– Одвреме навреме се појавува прашањето за замор во проширувањето на ЕУ, а се прашува ли некој за замор од чекањето, изјави Претседателот Иванов, додавајќи дека интеграцијата има силна мобилизирачка моќ и дека проблемите во ЕУ не треба да се изговор. Напротив. Република Македонија сака да учествува во решенијата за заедничкиот дом, заклучи македонскиот претседател.
Конференцијата, на која учествуваа голем број креатори на политики, аналитичари и академски претставници од повеќе европски земји, има за цел да придонесе кон заживувањето на процесот на проширување, преку дискусии и анализа на билатералните спорови, регионалната соработка и пристапните преговори.