Капацитетите на Македонија, со помошта од страна на УНХЦР и Црвениот крст, се за згрижување на максимум две илјади бегалци, порача вчера претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов по завршувањето на лидерскиот мини-самит на десет земји на ЕУ со Македонија, Србија и Албанија, пренесува „Макфакс“.
На брифингот по завршувањето на состанокот, Иванов потенцирал дека Македонија не сака да дојде до затворање на коридорот, но ако тоа сепак се случи, тогаш земјата ќе го направи тоа што ќе биде превземено и од страна на земјите членки на ЕУ, јавува МИА.
„Македонија е подготвена за сите сценарија, но не сакаме до тоа да дојде. Кооперативни сме да бидеме транзит-зона, бегалците да приоаѓаат и да не остануваат. Се надеваме дека нема да дојде до затворање на границите. Затоа е и свикан овој состанок, за да се најде решение. Се разговара за можни солуции и Македонија затоа учествува. За жал не сме во ЕУ, но мора да имаме информации за да се справиме со сите предизвици со кои се соочуваме во однос на бегалците“, напомена Иванов.
Иванов додаде дека бегалската криза е голем предизвик, не само за ЕУ, туку за цела Европа како континент. Тој посочи дека се расправало како да се најдат решенија за овој огромен предизвик.
„За разлика од бегалците од Сирија и Ирак кои сакаат да се вратат во своите домови, бегалците од Африка тоа го немаат. Тоа ја усложнува состојбата, бидејќи нема размена на информации, нема комуникација меѓу сите земји на овој коридор. Македонија, како и во други случаи и во овој случај е парадокс, бидејќи сите бегалци доаѓаат од територија на ЕУ. Тоа го потенцирав и во мојот говор, бегалците требаше да дојдат за да се укаже кој е најбрзиот приод на Блискиот Исток кон Европа. Многумина заборавиле кои се коридорите кои одат кон ЕУ и ЕУ сега се соочува со овој предизвик од територија надвор од ЕУ, а тоа пред сè е Турција“, потенцираше македонскиот претседател.
Според него, на овој состанок се отвориле многу прашања, бидејќи досега секоја земја на свој начин го решава овој проблем. Но, со овој состанок се доаѓа до заедничко решавање и на ЕУ и на кандидатите за членство во Унијата и земјите на патот на коридорот на бегалците. Според него, се работи на изготвување на документ кој треба да ги земе предвид сите забелешки, што ќе доведе до регулирање на досега нерегулираните прашања меѓу членките и нечленките на ЕУ.
„За нас како земји на коридорот е интерес што коридорот е уште отворен, а тоа е заслуга на германската канцеларка Ангела Меркел која овозможува бегалците да се движат. Ако се затвори било која членка, тоа ќе ја усложни ситуацијата оти нашата земја и регионот немаат капацитет и можности да се соочат со толкав број на бегалци. Тоа за нас и Србија, но и за Хрватска и Словенија, кои се исто така премногу финансиски истрошени, ќе биде проблем“, рече Иванов.
Претседателот додаде дека за Македонија е сето ова огромен товар и оти сите ресурси се од сопствениот буџет, а досега Македонија добила само 90 илјади евра средства од ЕУ, додека месечно троши милион евра за трошоци за безбедносните сили.
Низ Македонија, според Иванов, поминале седум илјади деца без родители и затоа земјата бара финансиска, но и техничка помош, бидејќи нема опрема за земање на биометриски податоци кои би се користеле и од други земји на патот на регионот.
За тоа дали е можно европската гранична служба Фронтекс да се постави на границата меѓу Грција и Македонија, претседателот Иванов рече дека Грците се против.
„Грција е против тој предлог за поставување на Фронтекс на границата, поради нивното јавно мислење. Ќе го видиме финалниот текст. Грција инсистира тие прашања билатерално да се решаваат. Имавме разговор со нивниот премиер Алексис Ципрас, да ја истакнеме неопходноста од размена на податоци, кои засега ги немаме. Пред сè за тоа колку од островите од Грција доаѓаат на Пиреја и колку оттаму накај Македонија. Некогаш и по десет илјади бегалци ненајавено доаѓаат. Соработката е на ниско ниво и потребна е размена меѓу министерствата и владите. Разменуваме информации со Србија и Хрватска преку полициите и такви информации ни се потребни и од грчка страна. Ципрас вети ќе се заложи да ги добиваме информациите, да најавуваат колку и кој ден доаѓаат бегалци и размена на чувствителни информации во врска со прашања на службите“, одговори Иванов.
Иванов додаде дека има многу информации до кои нашата држава нема пристап, бидејќи Македонија ниту има пристап до базата со податоци на Фронтекс, ниту до оние на Шенген-зоната.
„Сето тоа е поради односите со Грција и нашето отворено прашање со оваа земја, па соработката на тој план не е досега соодветна. Цирпас вети дека ќе се заложи службите да разменуваат податоци и грчките официјални органи да соопштуваат кога ќе стапнат бегалците на тлото на Грција“, истакна Иванов.
За тоа дали станало збор и за безбедносните прашања што може да ги предизвика бегалската криза, македонскиот претседател рече дека акцент се ставило на овој мини-Самит и на хуманитарноста и почитувањето на Женевската конвенција. Тој рече дека е штета што Турција не присуствувала на овој состанок за да може да ги каже своите ставови за ова прашање.
На крајот на брифингот со новинарите, запрашан за можноста од крах на политичкио договор од Пржино што може да доведе до губење на препораката за почеток на пристапните преговори со ЕУ од страна на Еврокомисијата, Ѓорге Иванов посочи дека е во Брисел заради мигрантската криза и побара “да се остават лидери на политичките партии кои превзеле обврска и потпишале договор, па тоа што го потпишале и да го реализираат и дека е нивна обврската и одговорноста.
OhridNews
извор: „Макфакс“