Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од безбедносниот форум во Братислава, порача дека денешните состојби во државата се резултат на предолгото чекање за отпочнување на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
– Сакав да ги кажам реалните состојби во кои сме како резултат на нечија неодлучност да донесе одлука. Македонија страда од тоа што нема одлука во Европскиот Совет, затоа што се решавало со консензус и има право на вето. Во услови на криза, во вакви услови, треба да има и друг начин на носење на одлуки, изјави претседателот Иванов.
Иванов на форумот потсети дека Република Македонија има добиено шест позитивни препораки за членство во ЕУ, а со 16 Акциски планови за членство во НАТО, македонската е најпроверена армија во историјата на човештвото. Но за состојбите тој не бара алиби зошто според него делумно и кај нас има вина.
– Барав минатиот септември со Советот за безбедност на Генералното Собрание, на Балканот да се создаде центар за антитероризам, затоа што членките на Балкан што се во НАТО и Европската Унија имаат информации, соработуваат, ние земјите што сме надвор од НАТО и ЕУ немаме доверба меѓу себе и не соработуваме, не ги разменуваме информациите и не знаеме како да се спротивставиме на тоа што ни се заканува, рече Иванов.
НАТО и ЕУ ја немаат завршено работата на Балканот. Безбедноста на Балканот не треба да се зема како готова работа, за да не се повтори минатото. Потребни се похрабри пораки и појасна перспектива од ЕУ за Балканот.
Ова се заедничките заклучоци на претседателите на Македонија и на Хрватска, Ѓорге Иванов и Колинда Грабар, министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто и поранешниот еврокомесар за проширување Штефан Фуле на Форумот во Братислава.
OhridNews
извор Телма