Македонските лидери мора да ги урнат менталните ѕидови, да ги затрупаат менталните ровови и што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине оваа политичка криза, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денес на отворањето на вториот Меѓународен научен собир „Македонско-словачки книжевни, културни и духовни врски“, што се одржа во МАНУ.

Во своето обраќање Иванов констатираше дека наместо исполнување на Солунската агенда и интеграција на целиот Балкан, Европската унија се соочува со последиците на светската економска криза и со проблемот со бегалците, што, како што рече, придонело нецели 30 години по падот на Берлинскиот ѕид, Европа да почне да гради нови ѕидови.

„Затворајќи се сама во себе и претворајќи се во тврдина, Европа како да си ги поткопува сопствените темели. Ниту една држава, па дури ни Република Македонија, не е имуна на овие процеси. Ветувањето од Солун не само што не е исполнето, туку и политиката на проширување се соочува со стагнација. Цели десет години, Република Македонија не е на агендата за проширување на Европскиот совет поради блокадата од јужниот сосед. Блокадата доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна од претходната“, рече Иванов.

Тој додаде дека иако во Република Македонија нема физички ѕидови, за жал, има ментални ѕидови и ровови во кои секојдневно се води политичката битка.

„ Македонските граѓани со вознемиреност гледаат како со секоја наредна политичка криза менталните ѕидови се надградуваат, а политичките ровови се продлабочуваат. А од високите ѕидови и од длабоките ровови сè потешко е да се види човечкото лице на политичкиот противник“, рече македонскиот претседател.

Одговорноста не е само на Унијата, подвлече Иванов, туку и на секоја земја членка и на секоја земја кандидат за членство, вклучително и  Македонија.

„Како што европското лидерство треба храбро да го отвори просторот и да ја интегрира цела Европа во Европската унија, така и македонските лидери мора да ги урнат менталните ѕидови и да ги затрупаат менталните ровови. Во вакви сложени услови, лидерите на политичките партии мора што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине оваа политичка криза“, рече претседателот Иванов.

OhridNews

извор Макфакс